clock Пон-Пет 10-18h, Саб 10-14h

Унгарски Парламент – Една од најголемите административни  згради во светот

blog-photo

Ако истражите кои се најголемите административни згради во светот, Унгарскиот Парламент или Országház ќе биде една од топ 5 гиганти низ историјата на нашето време. Воедно е една од 10-те најпопуларни дестинации за посета во Будимпешта.

Сместена на плоштадот Кошут Лајош, на брегот на Дунав на страната Пешта. Првично било планирано зградата да биде свртена кон реката а за изградбата бил одржан меѓународен натпревар за архитекти и Имре Штајндл победил. Плановите на двајца други архитекти подоцна исто така биле реализирани во форма на Етнографскиот музеј и унгарското Министерство за земјоделство.

Изградбата од победничкиот план започнала во 1885 година и зградата била свечено отворена на 1000-годишнината од државата во 1896 година. Интересен факт за изградбата е тоа што архитектот на зградата Имре Штајндл ослепел пред нејзиното завршување меѓутоа тоа не било проблем бидејки нацртот на зградата бил завршен.

Околу 100.000 луѓе биле вклучени во изградбата, при што биле употребени речиси 40 милиони тули, 30.000 кубни метри врежан камен за нејзино украсување, половина милион скапоцени камења и 40 килограми злато од 22 до 23 карати. За време на нејзината изградба, важен критериум бил зградата да се направи од унгарски материјали со работа на домашни занаетчии и производители, притоа рефлектирајќи ја вегетацијата на околниот карпатски басен во нејзината орнаментика.

Обликувањето на Домот на Парламентот произлезе од свесни избори на симболика и носи важни историски и политички пораки. Гледајќи го од страната на Дунав, ги гледаме ходниците на долната и горната куќа кои се издигнуваат од двете страни на куполата опкружени со одбранбени столбови а двете сали се целосно идентични по големина и форма, со што се изразува еднаквоста меѓу репрезентативниот долен дом и историскиот горен дом. Куполата што се издига меѓу нив го означува единството на законодавниот дом и служи како место за заеднички седници на двете комори.

Зградата комбинира елементи и мотиви од различни архитектонски стилови: нејзиниот план е барокен, украсот на фасадата го евоцира светот на готиката, а декорацијата на таванот покажува стилски елементи од ренесансата.

Вкупната површина е скоро 18.000 квадратни метри и е поделена на четири ката.

Вкупниот волумен на зградата од 473.000 кубни метри може да собере педесет и шесткатни станбени згради.

Долг е 268 m и широк 123 m. Внатрешноста вклучува 10 дворови, 13 патнички и товарни лифтови, 27 порти, 29 скали и 691 просторија (која вклучува повеќе од 200 канцеларии). Со својата висина од 96 метри таа е една од двете највисоки згради во Будимпешта, заедно со базиликата Свети Стефан. Бројот 96 се однесува на милениумот на нацијата, 1896 година, и освојувањето на подоцнежното Кралство Унгарија во 896 година.

Неговиот распоред е симетричен со главните простори кои формираат крст а куполата се издига на нивното вкрстување. Внатре во зградата има 10 дворови со различни големини, 13 лифтови и стотици канцеларии. Собите се поврзани преку систем на бескрајни ходници.Внатре и надвор, има вкупно 242 скулптури на ѕидовите. На фасадата се прикажани статуи на унгарски владетели, трансилвански водачи и познати воени личности. Над прозорците се прикажани грбовите на кралевите и војводите. Источното скалило е опколено со два лава. При влегувањето во Парламентот, посетителите можат да одат по големи украсни скали, да видат фрески на таванот и да поминат покрај бистата на архитектот Имре Штајндл во ѕидна ниша.

Еден од познатите делови на зградата е хексадекагоналната (шеснаесетстрана) централна сала, со огромни комори кои се граничат: Долниот дом и Горниот дом. Пратениците на Собранието работат во Долниот дом додека Горниот дом се користи како сала за конференции и состаноци. Црвениот тепих што се простира низ зградата е долг речиси 3 километри.Зградата обезбедува дом за законодавниот дом, место за чување на унгарската света круна и работно место и за 199-те пратеници и за речиси 600-те луѓе кои им помагаат. Во моментов во зградата се сместени и канцелариите на премиерот и неговиот помошен персонал.

Светата круна на Унгарија, која е прикажана и на грбот на Унгарија, е изложена во централната сала од 2000 година. Системот за греење и вентилација во зградата – сензација во своето време како еден од најмодерните такви системи во Европа – функционира совршено дури и денес по одредено ажурирање. Топлата пареа од просторијата за печка лоцирана во блискиот објект допира до различните простории преку дистрибутивна комора и радијатори. Денес оваа зграда е една од дестинациите кои ја ставаат Унгарија на мапата на држави со успешен туризам.

https://balkanfun.mk/patuvanja/budimpestaveligden2024/

logo